
Продолжението од сезоната во Втората футсал лига носи повеќе од неизвесна борба за бодови кога е во прашање влезот во Првата лига. Четири екипи се во трка за првите две места кои директно водат кон елитата.
Мал Ајакс го загуби дербито со Балкан, но штипјани остануваат на врвот од табелата со 39 бодови на своето конто, а сега Овче Поле и Балкан со по 34 бодови го делат второто место, додека пак на четвртото место е Кораб со 31 бод на своето конто.
Овие екипи ќе ја водат борбата до крајот за влез во Првата футсал лига. Сите четири екипи се со отворени амбиции и сакаат од следната сезона да заиграт во Првата лига.
Мал Ајакс после неколку сезони сака да се врати во елитата, а исто така и ланскиот прволигаш Овче Поле сака враќање во Првата лига, со отворени амбиции е и Балкан кој имаше многу засилувања во зимскиот преоден рок, а Прва лига сака и тимот на Кораб од Дебар.
Во рамки на следното коло се игра дербито меѓу Кораб и Балкан во Дебар, клучен меч и за двете екипи, дерби кое може да се покаже решавачко особено за домашниот тим, кој ќе мора да го добие за да биде во чекор за првите две места. Но, следната рунда го носи и дербито во Штип меѓу Мал Ајакс и Овче Поле каде лидерот ќе има едно по друго ново дерби, но овој пат ќе мора да триумфира со цел да ја сочува предност од пет бода во однос на второто односно третото место.
И во Штип исто така дербито може да се покаже клучно, особено ако Мал Ајакс биде подобар.
Во однос на останатите натпревари Партизан Југ во Брвеница ќе игра со последнопласираниот Карадаку, Победа дома против СЕЕ Университи, ССК Скопје против Каршиака, а пак Конзули ќе игра против Енхалон.
Александар Ванев, М-Нет