Шкендија Арачиново лесно го доби ланскиот шампион Куманово, убедливи победи за Фортуна и Аеродром

Одложеното 16. коло на Трета лига – Север се одигра вчера, каде лидерот Шкендија Арачиново со убедливи и сигурни 0:3 го доби ланскиот шампион Куманово.

Тимот од Арачиново без проблеми го совлада лутиот ривал од минатата сезона, разликата во квалитет сега е голема, а Шкендија е главен фаворит за првото место и бараж за Втора лига.

Дарио Десниќ по само две минути игра постигна гол против својот поранешен клуб, а во 10. минута Бујар Иљази стрелаше за 0:2 на полувреме Во 90. минута Шуајб Алити ги постави конечните 0:3.

Аеродром забележа победа над поранешниот второлигаш Кадино од 2:4, каде Дамјан Антевски беше двоен стрелец за победничката екипа. Пчиња го доби БВК Коњаре во меч со седум гола за 4:3, а пак Башкими Љуботен со 3:2 беше подобар од Беса од Слупчане.

Фортуна однесе убедлива победа од 3:0 против новајлијата Ржаничино, а пак Риниа дома беше поразена од Академија Илинден со резултат од 2:3.

Натпреварот меѓу некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ и Њу Старс не го дочека својот крај, откако истиот бил прекинат при 0:0 во 82. минута. Како што е наведено во официјалниот записник од мечот натпреварот бил прекинат во 82. минута поради напуштање на теренот на гостинската екипа. Претставник од гостинската екипа доставил изјава односно жалба до делегатот на натпреварот.

Во однос на табелата на врвот е Шкендија Арачиново со 46 бодови, Фортуна е втора со 33 бодови.

Александар Ванев, М-Нет