
Пред фудбалската репрезентација на Македонија се два натпревари на стартот од квалификациите за Светското првенство 2026 година. Првиот меч Македонија го игра веќе в сабота против Лихтенштајн во Вадуц, а вториот ќе биде во вторник на Арената „Тодор Проески“ во Скопје против Велс.
Македонскиот репрезентативец Јован Манев, кој е од Кочани, зборуваше за предизвиците кои ќе ги има нашата репрезентација на почетокот од квалификациите за СП, но и за тешките моменти на тага низ кои поминува тој и цела Македонија по големата трагедија која се случи во Кочани, каде животот го загубија 59 лица, а голем број на лица се хоспитализирани.
„Ова се многу тешки денови за мене и за сите нас, изгубив, изгубивме сите блиски пријатели, но тие би сакале да продолжиме и да бидеме овде, да се бориме за нашата земја, за нашата репрезентација. Ќе ни недостасуваат засекогаш и никогаш нема да бидат заборавени и затоа ако ми се укаже шанса исто и на моите колеги ќе го дадеме максимумот за сите нив. Во чест на нив. И ова е шанса да покажеме карактер и сплотеност сите заедно и така да постигнеме резултати, најпрво за нив“, вели Манев.
Натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија, кој се игра во Вадуц в сабота ќе започне од 15 часот.
Александар Ванев, М-Нет