Одложеното коло од Втората македонска фудбалска лига ќе се игра во понеделник

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Поради големата трагедија која се случи во Кочани, каде животот го загубија 59 лица, а голем број на лица беа хоспитализирани во болници во Македонија и странство, беа одложени сите спортски настани и натпревари.

Во Втората македонска фудбалска лига во целост беше одложено 21. коло, кое требаше да се одигра во недела на 16 март. Натпреварите од оваа рунда се закажани за понеделник, 24. март со почеток од 15 часот.

Во рамки на истата, како што претходно направивме најава за натпревари, Арсими на домашен терен ќе има тешка задача да ги обезбеди трите бодови против Каменица Саса, која во пролетниот дел игра во одлична форма, Башкими како голем фаворит ќе го пречека Вардар Неготино, а пак Беласица дома ќе се соочи против Новаци, каде ќе бара излезе од резултатската криза бидејќи на последните пет меча и четири порази и само едно реми.

Дербито од дното ќе се игра меѓу Борец и Осогово каде трите бодови се од капитална важност во трката за опстанок, врз „жетварите“ повеќе од јасно дека ќе се рефлектира ситуацијата во Кочани која се случи.

Брегалница на домашен терен ќе се соочи против Скопје, каде „сините“ немаат право на грешка во борбата за освојување на првите две места кои директно водат кон Прва лига, а пак Детонит Плачковица сака триумф пред домашната публика против Кожуф од Гевгелија.

Лидерот Македонија ЃП како фаворит ќе го пречека последнопласираниот Вардарски од Богданци, а пак Охрид дома ќе игра против Победа.

Сите натпревари ќе започнат во 15 часот.

Александар Ванев, М-Нет