Утре масовно ќе се погребаат починатите во Кочани и Облешево, се замолува за достоинствено однесување

Утре ќе биде погребот на починатите од трагедијата во Кочани. Утре во 11 часот ќе бидат погребани починатите во Штип, во 12 часот во Кочани, а во 13 часот во Облешево.

„Ве известуваме дека погребот на нашите најмили ќе се изврши утре на Градските гробишта со почеток во 12.00 часот на кој ќе чинонаначaлствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со повеќе архиереи од МПЦ-OA. Верниот народ кој сака да оддаде почит на дечињата можат да го направат тоа после 11.30 часот. Ве замолуваме за достоинствено и христијанско однесување.“ – напиша Димитар Арсовски, свештеник од Кочани на својот фејсбук профил.

Од вчеравечер започна и оградувањето на просторот до градските гробишта во Кочани. Од МВР тече активна забрана за користење на дрон на територијата над Штип и Кочани, а од АВМУ апелираат да се почитуваат највисоките професионални стандарди и етички стандарди при информирање за погребите.

Во меѓувреме, општата болница во Кочани организира тим од психијатри и психолози кои ќе нудат поддршка на семејствата.

„Општа болница со проширена дејност Кочани во соработка со Клиника психијатрија организира тим на психијатри и психолози од ЈЗУ ОБ Кочани и ЈЗУ Клиника психијатрија за психолошка и психијатарска подршка на семејствата и блиските на настраданите која ќе биде во служба 24/ 7 почнувајќи од утре.

Прегледите од 8 до 16 часот ќе се вршат во центарот за ментално здравје во нашата болница кој се наоѓа во кругот на нашата болница веднаш до зградата за вакцинација, а по 16 часот на одделението невропсихијатрија при нашата установа.“ – стои на станицата на болницата.

Лаура Стојанова Ќирќов, М-Нет