Осогово сака изненадување и против Брегалница, дерби за опстанок на Вардарски и Борец, Саса домаќин на лидерот Македонија ЃП

Во сабота ќе бидат одиграни натпреварите од 20. коло на Втората македонска фудбалска лига, а истото ни носи неколку дерби пресметки и соочувања кои може да направат промени на табелата.

Осогово на домашен терен ќе сака одново да направи изненадување и да ги освои трите бодови против штипска Брегалница во трката за директен опстанок во Втора лига. „Жетварите“ после победата во Радовиш имаат мотив плус, домашниот терен и домашната публика ќе бидат на нивна страна, во однос на Брегалница која после големиот пораз од Саса го промени тренерот и во Кочани оди без право на грешка.

Каменица Саса на домашен терен ќе игра против лидерот Македонија ЃП, „рударите“ имаат одличен почеток од пролетниот дел, но потоа загубија во Велес, а пак „лавовите“ во Македонска Каменица целат кон три бода, бидејќи може да го загубат лидерското место. Саса се враќа во Македонска Каменица, публиката со нетрпение го очекува првиот пролетен натпревар во градот бидејќи стадионот беше суспендират на два меча, а тоа ќе биде причина плус стадионот да се исполни и Саса да има поддршка против лидерот од Ѓорче.

Башкими на домашен терен ќе игра против Охрид во меч каде домашниот тим ќе бидат фаворит и ќе цели кон тоа да ја оправда истата, бидејќи со „кикс“ на Македонија ЃП во Македонска Каменица може да избие на првото место, а Охрид во Куманово сигурно е дека ќе биде незгоден противник.

Скопје и Детонит Плачковица ќе се соочат меѓусебно на Автокоманда дуел од средината на табелата, каде и двете екипи сакаат три бодови за прогрес на табелата.

Новаци после големиот пораз од Македонија ЃП на домашен терен ќе игра против Арсими каде ќе мора да победи и да освои бодови бидејќи ќе се втурне во несигурна ситуација за опстанок, а пак Арсими ако сака Прва лига ќе мора да ги освои трите бодови.

Победа и Беласица ќе играат дерби од долниот дел на табелата, дерби на два поранешни прволигаши во Прилеп, каде и едните и другите сакаат триумф.

Вардар Неготино на свој терен ќе го пречека тимот на Кожуф, каде и двете екипи ќе бараат триумф после поразите во претходното коло.

Дерби за опстанок од дното на табелата ќе се игра во Богданци, каде Вардарски ќе игра против Борец и овој меч всушност ќе биде клучен. Доколку Вардарски загуби тогаш шансите ќе ги сведе на минимум за опстанок, а Борец во таков случај ќе има позиција да се надева на посериозна борба за директен опстанок.

Натпреварите ќе започнат во 14 часот.

Александар Ванев, М-Нет