Третолигашите на Југот подготвени за старт на пролетниот дел – неизвесна борба за баражот за Втора лига!

ФОТО: АРХИВА

Следниот викенд односно на 2. март ќе започне пролетната полусезона во Третата македонска фудбалска лига – Југ.

Екипите имаат уште една недела за проверка на формата со цел максимално подготвени да влезат во вториот дел од сезоната, каде многу неизвесно ќе биде за првото место кое води кон баражот за можен влез во Втората македонска фудбалска лига.

Амбиции за бараж имаат лидерот Големо Коњари, Превалец кој отворено има високи амбиции за баражот, тука секако ќе биде и Башкими 2008 кој е второто место, а ќе се обидат од сенка и некои други екипи да изненадат.

Во рамки на првото пролетно коло Превалец ќе се соочи со екипата на Бучин, каде домашниот тим ќе биде фаворит за триумф. Младост во Кривогаштани ќе го пречека составот на Ултрас, поранешниот второлигашот Росоман ќе игра со Башкими 2008.

Екипата на Венец на свој терен ќе се соочи со Влазними Јуниор, Слога Лажани ќе игра на домашен терен со Дреново, а пак Големо Коњари ќе игра против тимот на Питу Гули од Крушево.

Како што е познато во овој регион од 14 екипи останаа 12, откако Марена пред почетокот на сезоната се откажа од натпреварување, а по неколку одиграни кола од натпреварување се откажа и екипата на Обршани.

Александар Ванев, М-Нет