
Ситуацијата со откупот на ориз во кочанскиот регион држи статус кво. Едвај една до две фирми откупуваат ориз ама по цени како произвдната. Ова за оризопроизводителите е непрофатливо па спас гледаат во стоковите резерви, иако како што велат не се оптимисти дека ситуацијата ќе се движи на подобро. Оставени сами на себе, велат се борат со тешката криза во која се наоѓа оризопроизводството.
„Оризот се откупува инцидентно и во многу мали количини. И тоа го откупуваат само една до две фирми. Се откупува по цени исти како и производните. Тоа е непрофатливо за нас, но ние сме немоќни во овој случај, оставени сме самите на себе.“ – вели Арсов.
Во период кога нивите треба да се подготвуваат за нова сеидба, оризарите децидни, ориз нема да има по кочански полиња. Освен што стои голема количина неоткупен ориз по амбарите на земјоделците, дополнително велат нема доволоно вода. Ова под знак прашалник ја става и сеидбата и производството на ориз.
Откако земјоделците алармираа за проблемот со кој нивниот ориз наместо откупен стои во амбарите, од Министерството за земјоделство, односно, Владата истакнаа дека ќе набават за потребите на стокови резерви оризова арпа. Ова се прави за прв пат и ќе значи помагање во целата ситуација и регулација во делот на пласманот на оризовата арпа.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет