
За 100 денари е покачена цената на ноќевање во бања Кежовица во Штип. На денешната седница на Совет на Општина Штип, со мнозинство гласови се донесе одлуката наместо досегашните 400 денари, да се олаќа 500 денари од ноќ. Ова предизвика жестока дискусија меѓу советниците од опоизицијата и власта. Што е инвестирано за да се зголеми цената прашаа од СДСМ.
„И толку минимизирајќи ги, само 25% зголемување на цената, во однос на четири години, и за вас ова е сега мало зголемување. Во нешто во кое нема подобрување на условите, апсолутно не сметам дека треба да има зголемување на цените“ – вели Рогожарска-Поповска.
Инвестиции во бања Кежовица имало и дефинитивно условите се подобрени, вели директорот на ЈП Исар, Александар Арсовски. Додава дека во моментот бањата Кежовица работи со загуба од четири милиони денари годишно.
„Инвестиции во бањата Кежовица е имало, условите дефинитивно се подобрени иако можам да кажам дека во склоп на ЈП Исар бањата Кежовица на годишно ниво работи со загуба со околу четири милиони денари. Ова зголемување и тоа само во делот на ноќевањата нема драстично да ги зголеми финансиските показатели на ЈП Исар, тоа е само еден дел од начините да може навремено да ги сервисираме обврските“ – вели Арсовски.
Инаку бања Кежовица располага со 13 соби и 28 легла.
Лаура Стојанова М-Нет