
Хотелот Гарни во Штип повторно ставен на продажба. Откако пропаднаа двата обида минатата година за продажба на овој објект, бидејќи никој не се пријавил за купување на истиот, годинава тој повторно се става на продажба. Проценката на вредноста на хотелот е над 31 милион денари и како културно наследство прво ќе и се понуди на државата, а доколку таа не го купи ќе биде ставен на продажба.
„ Се работи за хотелот „Грани“ кој општината повторно ќе го стави на продажба. Затоа што е нова календарска година советот повторно носи одлука за овој објект да биде ставен на продажба. Според методологијата новата проценка е над 31 милион денари почетна цена. Општината овој објект прво ќе го понуди на државата, а доколку таа не го купи ќе биде ставен на продажба“ – вели Ангелова-Шорова.
Хотелот „Гарни“ се наоѓа во централното градско подрачје на Штип и од страна на државата е заштитен како прва категорија споменик на културата. Заштитена е фасадата и оградата, а идниот сопственик на овој објект прво треба да обезбеди целокупна документација. Истата опфаќа одобренија за реконструкција, но и конзерваторско одобрение. Дополнително, самиот објект треба да го прави конзерватор и при надзорот треба да има конзерватор.
Лаура Стојанова М-Нет