Српската црква денес го празнува Св. Сава, македонците им посакаа здравје и мир

Автокефалната Српска црква, денес го одбележува најголемиот верски празник посветен на Свети Сава. И во Македонија 18 години по ред овој ден е прогласен за национален празник на Србите во државава. За овој празник, граѓаните им посакаа многу здравје, љубов и мир, нарекувајќи ги како браќа и пријатели.

Покрај граѓаните, почит на србите во Македонија им оддаде и премиерот Христија Мицкоски велејки дека Македонија мора да се гради и да има економски напредок, а тоа го можеме само доколку сме сплотени.

„Празникот Свети Сава се празнува 18 години во Македонија, откако со измените на законот за празници на 8 февруари 2007 година е прогласен за национален празник на Србите во Македонија.

И ова го покажува меѓусебното почитување и доверба, како и добрата соработка и негување на односите помеѓу српскиот и македонскиот народ.

Вашиот придонес во општествениот и јавен живот покажува дека заедно, обединети, во заедништво и преку почитување на различностите, културите и традициите можеме да ја трансформираме Македонија напред, а за граѓаните обезбедиме подобра и посигурна иднина.

Македонија мора да се гради и да има економски напредок, а тоа го можеме само доколку сме сплотени.

Затоа цврсто сум убеден дека градењето на соживот, толеранција и пријателство ќе биде еден од вредностите кои ќе бидат нашата водилка за остварување на нашите цели.

Почитувани пријатели од српскатa заедница, Ви посакувам убав празничен ден исполнет со радост. Нека е честит големиот празник Свети Сава!“, порача Мицкоски.

Инаку, празникот Свети Сава, роден како Растко Немањиќ, бил син на големиот српски жупан Стефан Немања. Свети Сава е роден околу 1174 година. Како млад, заминал во Света Гора, каде што се замонашил и со ретка ревност го поминал целиот подвижнички устав. Немања го следел примерот на својот син, па подоцна и тој заминал во Света Гора, каде што се замонашил и умрел како монах Симеон.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет