
Уште еден голем успех за тројцата млади планинари Виктор Ефремов, Методи Трајчев и Никола Колев, кои успеаја да го искачат највисокиот врв на Балканот, Мусала, висок 2.925 м.н.в.
Мусала е највисокиот врв на Балканскиот полуостров, кој се наоѓа на планината Рила во Република Бугарија, во близина на зимскиот центар Боровец, а на околу 80 километри од главниот град Софија.
Тројцата планинари искачувањето на Мусала го започнале од Боровец на 1.315 м.н.в до планинарскиот дом Хиџа Мусала на висина од 2.389 м.н.в., а пак вториот ден искачувањето продолжило од 2.389 м.н.в. до самиот врв Мусала кој има висина од 2.925 м.н.в. Тоа значи дека Ефремов, Трајчев и Колев од тргнувањето до самиот врв искачиле висинска разлика од 1.610 м.н.в. што претставува голем успех за младите планинари од Штип.
“На 25-ти јануари, сабота, во 17 часот по локално бугарско време, започнавме едно незаборавно искуство – искачувањето на највисокиот врв на Балканот, врвот Мусала, кој се наоѓа на планината Рила. Заедно со Методи Трајчев и Никола Колев, ја започнавме нашата авантура од 1.315 метри надморска висина од жичарата Јастребец, при што се впуштивме во 3-часовно пешачење, кое нè водеше низ зимските услови и магичната ноќ на Рила. По патот низ мракот, стигнавме до Домот Мусала, на 2.389 метри надморска висина, каде се сместивме за да се подготвиме за следниот ден. Рано наутро, на 26-ти јануари, околу 06 часот, се упативме кон самиот врв на Мусала со цел да го доживееме спектакуларното изгрејсонце од највисоката точка на Балканот. За искачување на врвот, ни беа потребни околу 90 минути. Временските услови беа идеални за зимско искачување, со бистро небо и умерен ветар, што овозможи уникатно искуство и прекрасен поглед на снежната околина. Со искачувањето до врвот Мусала, вкупна висинска разлика изнесуваше од 1.610 метри, што беше физички и психички предизвик, но истовремено и големо задоволство. Ова беше нашето прво искачување за оваа година и голема мотивација за нови планови за искачување на поголеми и покомплексни врвови“, рече Ефремов за М Нет телевизија.
Младите планинари не застануваат тука, ова е нивниот трет успешен предизвик за 2025 година, по искачувањето на врвот Пелистер со 2.601метри надморска височина и врвот Кајмакчалан со 2.521 метри надморска височина, а повеќе од сигурно е дека до крајот на годинава ќе имаат уште многу големи успешни предизвици пред нив.
Александар Ванев, М-Нет