
Борец го доби третиот тренер во актуелната сезона, откако за нов кормилар беше назначен искусниот стратег Горан Симов, што е потврда дека Борец сериозно ќе работи на засилување и на стручниот штаб и на ростерот со цел да се избори за опстанок во Втората лига.
Симов, претходно успешно ги водеше Силекс, Вардар и Македонија ЃП, па сега ќе има тежок предизвик со велешката фудбалска гордост да избори опстанок во Втора лига. Клубот ќе задржи најголем дел од играчите, а веќе се водат преговори со квалитетни играчи кои имаат прволигашко искуство.
Борец имаше лоша есен тргна со Љупчо Димитковски – Гањо, но поради лошите резултати дојде до тренерска промена и беше назначен младиот Даниел Стојановски кој забележа една победа со две ремија за вкупно пет бодови и си замина.
Пред Борец ќе биде тешка борба за опстанок, а пролетниот дел го отвараат во Куманово против фаворитот Башкими. Во трката за опстанок влегуваат Вардарски од Богданци, Осогово од Кочани, а потврдување на опстанокот ќе бараат Вардар Неготино и прилепска Победа.
Александар Ванев, М-Нет