Башкими го утврди датумот за почеток на зимските подготовки!

Башкими зимските подготовки за пролетната полусезона на Втората македонска фудбалска лига ќе ги започне на 13. јануари, со јасна цел, а тоа е влез во Првата македонска фудбалска лига.

Освојувачот на Купот на Македонија од сезона 2004/2005 имаше одлична есен зад себе и презимува на третото место на табелата со 32 бодови и само еден бод помалку од второпласираната Брегалница од Штип, откако кумановскиот тим славеше во последното есенско коло токму над штипскиот тим.

Башкими ќе ја темпира својата форма за пролетниот дел преку пет пријателски натпревари.

„По 18 години чекање, ја имаме историската шанса да се вратиме онаму каде што заслужуваме во Првата лига. Оваа сезона е повеќе од спорт – тоа е страст, борба и гордост за нашите бои“, се вели во соопштението на клубот.

Пролетниот дел ќе биде повеќе од неизвесен, трката за местата кои директно водат кон Прва македонска фудбалска лига ќе биде интересна, а секој бод ќе биде важен.

Пролетниот дел Башкими го отвара на домашен терен, против тимот на Борец од Велес.

Александар Ванев, М-Нет