Детонит Плачковица се засили со пет играчи, договорени и пријателските натпревари, еден ќе биде меѓународен!

Детонит Плачковица од Радовиш за пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига се засили со пет играчи. На еден ден пред почетокот на зимските подготовки, тимот предводен од штипскиот стратег Горан Здравков се засилува со повратниците Филип Димоски и Јовица Радевски, како и со Давид Јошески, Дамјан Масевски и Филип Манасиевски.

За Димоски и Радевски, Радовиш е позната средина бидејќи и во минатото го носеа дресот на Детонит Плачковица. 25-годишниот Димоски во Радовиш доаѓа од редовите на Охрид, покрај за Охрид и Детонит Плачковица има настапувано и за Победа, Каменица Саса, Пити Гули, Вардар Неготино, Осогово и 11-ти Октомври.

Радевски, кој има 24 години во Радовиш пристигна од штипска Брегалница. Во минатото настапуваше за Детонит Плачковица од 2022 до 2023 година, а има играно и за Плачковица, Каменица Саса, Кадино, Македонија ЃП, Вардар, Работнички и Скопје.

Тимот на Горан Здравков се засили и со 22-годишниот Јошески кој доаѓа од Победа од каде и потекнува, а настапуваше и за Пелистер и Караорман. Масевски, кој има 23 години во радовишкиот тим доаѓа од прволигашот Пелистер, тој потекнува од Работнички, а има настапувано и за екипите на Кадино, Тетекс, Силекс и Охрид. Манасиевски пристигна од редовите на Кожуф од Гевгелија, тој има 23 години, а има настапувано и за Борец, Осогово и Вардар од каде и потекнува.

Здравков утре ќе означи старт на подготовките за пролетниот дел на Градскиот стадион во Радовиш, а веќе е утврден и планот за подготовки и пријателски натпревари, а ќе биде одигран и еден меѓународен пријателски натпревар. Првиот пријателски меч ќе се одигра на 18. јануари против Кожуф, на 22. јануари радовишани ќе тестираат со Брера Струмица, три дена подоцна против Беласица, а пак на 29. јануари против Осогово. За 2. февруари е закажан меѓународен пријателски меч со Вихрен Сандански кој ќе се одигра на бугарско тло, а генералката ќе биде против прволигашот Силекс во Кратово, тим кој е есенски шампион во Првата лига.

Александар Ванев, М-Нет