
Домакинќите уште рано изутрина замесија пресна погача за првиот празник во новата година посветена на Св. Игнат. Од овде започнува и верувањето дека што ќе правите во денешниот ден, така ќе ви врве целата година. Граѓаните на Штип велат дека според вереувањето од денес денот расте за еден иглен врв. На самиот почеток, а воедно и првиот празник од оваа година тие посакаа мир, здравје, среќа и неизмерна љубов, која како што велат е речиси отсутна кај луѓето.
Повозрасните велат дека погачата се раскршува и се раздава, најважно е првото парче да биде на Св. Игнат, а другите на луѓето.
Инаку, На овој ден започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово – Божик и затоа се нарекува и Прв Божик. Празникот секогаш е пет дена пред Божик и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.
Лаура Стојанова, М-Нет