
Зголемен број на термини, линии до приградските населби, меѓуопштински до карбинските села, задоволни граѓани е исходот од функционирањето на градскиот линиски превоз во Штип. За нешто повеќе од една година набавени се нови возила со кои граѓаните полесно и побрзо може да пристигнат до нивните дестинации. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски посочи дека задоволува исполнетоста на линиите до приградските штипски населби, како и линијата од село Радање.
„Освен функционалноста во оваа една година се посветивме и на развојот на оваа дејност па воведовме и нови линии, до селата Лакавица и Селце, Долни Балван и ја зголемивме меѓуопштинската соработка.“ – вели Стефановски.
Најмалку два нови автобуси е предвидено да се набават и наредната 2025 година, со што ќе има дополнителни линии и термини кои граѓаните ќе можат да ги користат кога е во прашање градскиот превоз. За една година позитивни се и финансиски показатели.
„Следната година исто така планираме да ја развиваме дејноста, планираме да набавиме неколку нови возила, да воведеме нови линии и да ги зголемиме термините на возење на постоечките линии. За една година имаме одлични финансисики показатели, со тенденција да се зголемуваат приходите.“ – додава Стефановски.
Градскиот линиски превоз во Штип започна да функционира на 1 септември 2023 година, кога се набавија првите шест автобуси. Денеска има 8 автобуси и едно комбе достапни за потребите на граѓаните. Во петок превозот за пензионерите до пазарот е бесплатен, а линиите се приспособени и за учениците. Голем интерес има за линијата која води до бања Кежовица.
Лаура Стојанова М-Нет