Започна изградбата на новата јужна современа трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид – капацитет од 3.500 седишта!

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Започна изградбата на новата јужна современа трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, која ќе вклучува капацитет од 3.500 седишта, современи содржини како осум скај-боксови за ВИП зони, медиумски центар и други простории според меѓународни стандарди.

На самиот настан со кој се означи започнување на работите за изградба на новата трибина присуствуваа претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, членовите на Управниот одбор на ФФМ, Тони Иваноски и Џевад Дибрани, како и претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз на Охрид, Цане Милошоски.

“Горди сме што инвестираме во проект кој не само што ја подобрува инфраструктурата за фудбал, туку и му овозможува на Охрид да добие модерен објект од меѓународен ранг. Новата трибина, заедно со постојната, го исполнува нашиот ангажман за стадионот во Охрид. По завршувањето на оваа трибина, Општина Охрид ќе ги изгради двете трибини зад головите и ќе го постави осветлувањето, со што стадионот ќе се трансформира во модерен објект подготвен за меѓународни натпревари, вклучувајќи ги и оние на нашата репрезентација. Со туристичките капацитети и близината до аеродромот, Охрид има потенцијал да стане значајна фудбалска дестинација покрај туристичката. Благодарност до УЕФА за поддршката и до Општината за соработката во овој голем проект”, рече претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Со изградбата на новата јужна трибина значично ќе се подобри инфраструктурата на СЦ „Билјанини Извори“, со што стадионот ќе има две модерни трибини, откако претходно беше направена и другата трибина, а со тоа ќе има и подобри услови за екипите односно играчи, навивачите, како и подобри услови за меѓународни натпревари. Овој спортски комплекс располога и со помошни терени, од кои едниот е со вештачка трева и трибина, како и рефлектори за ноќни тренинзи.

Александар Ванев, М-Нет