Осогово, Борец и Вардарски ги очекува тешка борба за опстанок во Втора лига!

ФОТО: Телевизија М Нет

До крајот од есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига останува уште едно коло, кое коло нема да донесе промени барем во долниот дел од табелата, каде три екипи ќе водат сериозна борба за опстанок.

Вардарски е прв кандидат за испаѓање, овој клуб ќе има најтешка и најсериозна пролетна борба за опстанок. „Фенерџијата“ до Богданци е единствениот тим кој нема триумф и со два бодови е „закован“ на дното од табелата.

Вардарски ќе треба да направи сериозен ремонт, но прашање е колку тоа ќе може да вроди со плод, кога е во прашање обезбедувањето на директниот опстанок, бидејќи веќе се прави сериозна бодовна разлика од 13-тото место.

Во слична ситуација е и Борец кој со пет бодови е на претпоследното место на табелата, со скор од една победа, две ремија и 11 пораз и и со најлош напад кој реализирал само шест погодоци на 14 натпревари.

Минатата сезона Борец стана шампион во Трета лига – Југ и преку бараж експресно се врати во Втора лига, но како стојат работите Борец експресно ќе се врати во третолигашкото друштво. И овој тим ќе треба да има комплетен ремонт, а пролетната борба ќе биде тешка за да се соберат бодови кои би гарантирале опстанок во Втора лига. Борец во последното есенско коло ќе игра против Охрид на „Билјанини Извори“ каде ќе има исклучително тешко гостување.

Осогово не ја научи лекцијата од минатата сезона со осум бодови е во бараж зоната за опстанок и го очекува исклучително тешка борба за опстанок во Втора лига. „Жетварите“ во последното коло ќе се соочат со Вардарски, каде Осогово гледа идеална шанса да дојде до трите бодови со цел да се доближи до зоната за директен опстанок.

Овие три екипи ќе водат многу тешка борба за опстанок, а во пролетниот дел рано обезбедување на опстанокот ќе сакаат Победа и Вардар Неготино.

Викендот ќе се одиграат натпреварите од последното есенско коло, а пролетниот дел ќе започне на 15. февруари следната година.

Александар Ванев, М-Нет