Фаворите според планот: Македонија ЃП е на врвот, Брегалница е втора, Башкими трет, неизвесно за опстанок!

И во рамки на 13. коло фаворитите одиграа според планот во Втората фудбалска лига.

На М Нет телевизија можевте да го следите натпреварот од Струмица каде се одигра Источното дерби со второлигашки сјај, а во кое Брегалница беше подобар со минимални 0:1 против Беласица, со голот на Зоран Ивановски.

На дури три натпревари беа забележани убедливи победи со по пет погодоци.

Лидерот Македонија ЃП покажа моќ и убедлива фудбалска игра против Вардар Неготино откако го декласираше со превисоки 5:0, додека пак фаворитот Арсими со минимални 1:0 го доби Борец со што тимот од Чегране се враќа на победничките патеки после поразот од претходното коло во Штип од Брегалница.

Детонит Плачковица на „Билјанини Извори“ славеше со сигурни и високи 1:3 против Охрид, со што охриѓани ја прекинаа победничката серија. Башкими со минимални 0:1 го доби Кожуф на домашен терен, додека пак во Прилеп во соочување на екс прволигашите Скопје и Победа со 0:2 подобри беа „пиратите“ од Автокоманда.

Новаци забележа убедлива победа откако го декласираше Осогово со 5:0 на домашен терен преку тотална доминација, а пак Каменица Саса со 5:1 го декласираше „фенерџијата“ Вардарски кој останува „закован“ на дното.

Ваквите резултати не направија големи промени на табелата, речиси и да нема со што анализата која ја направивме со фудбалскиот тренер Александар Максимов во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија се потврди во целост.

Лидер останува Македонија ЃП со 32 бодови на своето конто, Брегалница е втора со два помалку односно 30 бодови, во бараж зоната односно на третото место е Башкими кој има 29 бодови.

На 4. место останува Арсими со 26 бодови, а одлична полусезона има Саса која изби на 5. место со 21 бод, колку што имаат Детонит Плачковица и Охрид кој е седми.

На осмото место се спушти Кожуф кој има 18 бодови, додека Новаци се враќа на деветтото место со 17 бодови. Беласица е на десеттото место со 16 бодови колку што има Скопје кој е место подолу, Победа е на 12-тото место со 13 бодови, а пак Вардар Неготино е место подолу со 11 бодови.

Во бараж зоната за опстанок е Осогово како 14-то пласиран со осум бодови, а во зоната за директо испаѓање се Борец како претпоследен со пет бодови и Вардарски кој е на дното со само два бодови.

Следниот викенд ќе бидат одиграни натпреварите од претпоследното есенско коло односно 14-тото коло, а потоа и натпреварите од последното 15-то коло со што ќе заврши есенската полусезона.

Александар Ванев, М-Нет