
В недела во Штип ќе се одржи „Струмина Треил“ последна треил трка во календарот за 2024 година, а интересот за истата оваа година е најголем, со пријавени над 220 натпреварувачи од Македонија и странство.
Жикица Ивановски кој е организатор на самата трка, во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија, истакна дека се работи за пријатна трка, која е во должина од 18 километри.
„Оваа година мислам дека имаме најмногу пријавени учесници до сега, интересот е голем бидејќи трката е со доста пријатна атмосфера, луѓето се доста убаво расположени исто се работи за последна ваква треил трка во календарот кај нас во Македонија и многу луѓе сакаат со „Струмина Треил“ сакаат да си ги финишираат тие годинишни активности. Имаме пријавено над 220 учесници, мислам дека ќе има уште 10 до 20 коишто ќе се пријават на стартот. Мислам дека сите ќе уживаат очекуваме добро време, ќе биде можеби студено, но ќе биде супер за трчање. Досега имаме натпреварувачи од Грција, Косово, Србија, Шпанија, но се работи за по 3 до 4 натпреварувачи, не можеме да кажеме дека имаме некој квантитет“, рече Ивановски.
Трката одговара речиси за сите, планинари, планински тркачи, атлетичари, но и рекреативци, што ја прави да не е класична планинска трка, туку атлетски крос со кратка должина и мала денивелација.
„Се работи за ридски терен, не можам да кажам дека овде е планински, највисоката точка е мислам 700 м.н.в. Терено е доста е благ, питом, тоа е можеби една од причините што луѓето се пријавуваат на оваа трка, а исто така голема за нас како организатори е многу луѓе за првпат започнуваат со треил трчање токму со „Струмина Треил“. Во споредба со останатите трки коишто ги имаме кај нас во Македонија, се работи за полесна трка и затоа луѓето се нафаќаат на тој предизвик. Должината е 18 километри што не е за потценување, но сепак теренот не е толку тежок, нема стрмни искачувања стрмни спуштања, претежно се трча по мек терен, по козји патеки, по широк пат“, рече Ивановски во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.
Ивановски додава и што е потребно да имаат со себе учесниците како опрема, дополнилно со себе да понесат и облека за после трката.
„Во текот на трката немаме наведено задолжителна опрема, но како препорачлива опрема секако би биле добри обувки, исто така телото да биде покриено комплет да не се трча во шорцови, кратки ракави, да имаат шушкавец за заштита од ветер, можеби некоја капа, бандана, ракавици, тоа оставаме на самите учесници, тие што се поискусни знаат“, изјави Ивановски.
Стартот е во 10 часот, но учесниците ќе треба да пристигнат 30 минути претходно.
„Стартот во недела е во 10 часот, но би препорачал да бидат најкасно до 9:30 часот, стартот е пред средното медицинско училиште во Штип, и се трча низ штипски предели како чешмата Куртбунар, ридот Клисибаир, село Липов Дол, Љупчова чешма, Струмича чешма и повторно финишираме кај средното медицинско училиште“, рече Ивановски во Трибина на М Нет.
Најбрзото време на „Струмина Треил“ во машка конкуренција е еден час и 30 минути, а во женска конкуренција еден час и 45 минути.
Александар Ванев, М-Нет