
Водата во Берово не е за пиење, само за техничка употреба, поради зголеменото присуство на манган. Од јавното претпријатие Услуга од Берово, во писмено соопштение истакнаа дека согласно известувањето од Агенцијата за храна и ветеринарство, Сектор за инсппекциски надзор Берово посочија дека водата не треба да се користи за готвење и пиење се додека не се доведе во безбедна состојба.
– Се забранува водата од водоводната мрежа во Берово да се користи за пиење и готвење, се додека не се доведе во безбедна состојба, односно може да се користи само како техничка вода. Исто така се наредува на ЈПКР „Услуга“ Берово да се изврши соодветна преработка за да може да се користи водата како вода за пиење, се вели во соопштението од АХВ.
Согласно наведеното Решение се известуваат граѓаните од Берово дека водата од водоснабдителната мрежа поради отстапување од вредностите и стандардите за квалитет во однос на физичко хемиската анализа (зголемена концентрација на манган) во согласност со Правилникот за вода за пиење, не смее да се употребува за пиење и готвење. Водата може да се користи исклучиво само како техничка вода. Ваквата состојбата ќе трае се додека квалитетот на водата не се усогласи во границите кои ги пропишува Правилникот за вода за пиење и додека резултатите од лабораториските анализи направени од акредитирана лабораторија бидат согласно наведениот правилник.
Во меѓувреме градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пеќевски, исткана дека од утре со цистерни ќе се носи вода за пиење од Делчево. Денеска се прават последните подготовки за утре граѓаните на Берово да добијат чиста вода за пиење од Делчево. Здравјето на граѓаните е наш приоритет, посочи Пеќевски додавајќи дека состојбата на водата ќе се испитува се додека стане безбедна за пиење.
Лаура Стојанова М-Нет