Шкендија Арачиново со солидна бодовна предност ита кон бараж за Втора лига!

По десет одиграни кола во Третата фудбалска лига – Север екипата на Шкендија од Арачиново е на врвот од табелата со 28 бодови на своето конто со скор од девет победи и едно реми.

Шкендија Арачиново има доминантна игра, со најефикасен напад кој има постигнато 36 погодоци, а најдобра одбрана која примила само еден гол.

Дефинитивно Шкендија Арачиново ја оправдува улогата на апсолутен фаворит за првото место кое води кон баражот за Втора лига.

На второто место е Фортуна која има 23 бодови на своето конто, со скор од седум победи две ремија и еден пораз, па тоа значи и пет бодови предност за Шкендија Арачиново, која пак од конкурентот Еуромилк ГЛ има седум бодови залиха, бидејќи поранешниот прволигаш е трет со 21 бод на своето конто.

Веќе викендот Шкендија Арачиново како голем фаворит на домашен терен ќе игра против Академија Илинден, па со нов триумф лидерот само ќе прави чекор напред кон баражот за Втора лига, но воедно и ќе се зацврстува на првото место.

Ланскиот шампион Куманово кој не го помина баражот за Втора лига се наоѓа на осмото место на табелата со скор од три победи, четири ремија и три порази и 13 бодови.

На дното од табелата со пет бодови е новиот третолигаш Њу Старс, претпоследна е екипата на Пчиња со шест бодови, а пак Риниа е на 12-тото место со седум бодови, поранешниот второлигаш Кадино е на 11-тото место со девет бодови и практично ќе биде доста неизвесно околу опстанокот во овој третолигашки регион.

Александар Ванев, М-Нет