
Пензионерите го добија линеарното покачување на пензиите од пет илјади денари, но како што велат продолжуваат понатаму со барањето за усогласување на минималната пензија. Трајче Митев посочува дека работата е 50 – 50 што значи половина од барањата се добиени, за другите половина сѐ уште се чека.
„Нашата реализација до сега е 50%, а тоа значи дека успеавме во Закон успеавме да го претвориме нашето барање. Тоа беше линеарното покачување на пензиите на сите пенизонери по 5000 денари. Друго одиме и до сите институции за да видиме до каде е минималната пензија.“ – вели Митев.
Пензионерите стојат на ставот дека и понатаму ќе се борат за своите права, со цел нивните барања да бидат исполнети. Децидни се дека со минималната пензија од 12 илјади денари тешко се преживува месецот, а најголем дел од финансиските средства се трошат за лекови и храна. Митев вели секој понеделник се одржуваат состаноци, а ако нивните барања не се исполнат не се исклучува можноста за нови протести.
„Можеме да и кажеме на граѓаните дека ние постоиме и се додека не се решат сите проблеми до крај ние нема да застанеме. Ние секој понеделник имаме состанок, а ако треба ќе протестираме повторно“ – додава Митев.
Пензионерите изминатиот период на улица ги бараа своите права, бараа линеарно покачување на пензиите но и усогласување на минималната пензија.
Лаура Стојанова М-Нет