
Македонскиот фудбалски интернационалец Љупче Дориев ја продолжи соработката со Согдиана, откако стави потпис на нов договор со екипата од Узбекистан во време траење од две годни.
29-годишниот струмичанец стави потпис на двегодишен договор вреден речиси еден милион долари, во кој се вклучени плата и индивидуални, но и клупски бонуси. Дориев во јули месец минатата година направи трансфер од тетовска Шкендија во Согдиана, а тогаш стави потпис на договор од година и пол, кој беше вреден 300.000 долари плус бонуси. Македонскиот репрезентативец со одличните натпревари, погодоци и одличната форма обезбеди нов договор овој пат од две години.
Согдиана е во горниот дел од табелата во моментот на 20 одиграни натпревари има десет победи, пет ремија и пет порази и со 35 бодови го дели третото место, а има негатива од два бода во однос на второто место.
Дориев оваа сезона има десет погодоци со четири асистенции во Суперлигата на Узбекистан со само три гола зад најдобриот стрелец. За Дориев имаше голем интерес, а тоа ги натера челниците на Согдиана да му понудат нов договор на Дориев вреден скоро милион долари.
Во својата кариера Дориев има настапувано за Академија Пандев или Брера Струмица, Хоризонт Турново и тетовска Шкендија, а Согдиана е негов прв клуб во странство.
Александар Ванев, М-Нет