Супер регионално дерби: Брегалница во Делчево ја чека Слога Виница, Малеш домаќин на Ударник во Берово!

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 3. коло на Третата македонска фудбалска лига – Исток, а третата рунда ни го носи и регионалното дерби во Делчево меѓу Брегалница и Слога Виница.

По една година пауза Брегалница Делчево се врати на фудбалските терени, а на почетокот од новата сезона ќе го гледаме регионалното дерби. Слога Виница во новата сезона е главен фаворит за освојување на првото место и со тоа да се обезбеди баражот за можен пласман во Втората лига.

На стартот од новата сезона Брегалница во Струмица ја доби Тиверија, а потоа загуби од Хоризонт Турново, додека пак Слога Виница со две големи победи на Малеш во Берово и дома над Тиверија покажува зошто е главен фаворит за првото место, а во Делчево ќе треба да докаже колку е подготвена за мисијата за враќање во Втора лига.

На Градскиот стадион во Берово екипата на Малеш ќе го пречека тимот на Ударник од Пирава во меч каде двете екипи ќе се борат за првата сезонска победа, откако Малеш започна со пораз и реми, а Ударник со два порази.

Во Струмица ќе се соочат екипите на Тиверија и новајлијата Светлост од Зрновци, во меч за прва сезонска победа, а пак Овче Поле во Свети Николе ќе го пречека тимот на Дојранско Езеро каде домашниот тим ќе биде фаворит.

Карбинци на домашен терен ќе се соочи со некогашниот прволигаш Хоризонт Турново, во дуел на непоразениот гостин и домаќинот кој ќе бара втора победа.

Натпреварите се играат в недела со почеток од 14 часот.

Александар Ванев, М-Нет