Заеднички тренинг на БК Олимпија со бугарски клуб во Штип, промовиран грчко-римскиот стил на борење

Денес во Штип се одржа спортски настан за промоција на грчко-римскиот стил на борење, но и промовирање на женското борење, а со тоа се потврдува и успешната соработка на БК Олимпија од Штип и БК Васил и Георги Илиеви од Ќустендил, Бугарија.

„Со Олимпија се поврзавме да направиме заеднички тренинг, да ги претставиме различни техники, во нашиот клуб се практикува грчко-римски стил кој е малку поразличен. Имаме и девојки кои тренираат, за нас е добра оваа дружба и истата ќе продолжи во иднина. БК Олимпија е поканета во секое време да бидат наш гости“, рече Радослав Палчев.

БК Олимпија воспоставува одлична соработка со клубови од Македонија и странство, а потврда за тоа се овие настани.

„Благодарност до екипата Васил и Георги Илиеви од Ќустендил на нашата покана да дојдат овде да го презентираат нивниот стил. Разликата во слободниот стил и грчко-римскиот стил е сосема различна, меѓутоа доволно е да знаат децата кој е грчко-римски стил, кој е слободен стил. Правиме една промоција на нашето борење, женските исто така се натпреваруваат само во слободен стил, кај девојчињата се’ уште нема грчко-римски стил. Нашата соработка со екипата од Ќустендил е повеќе од пет години и истата ќе продолжи за интерес на децата и развој на нашето борење“, рече Кире Нисев.

БК Олимпија ќе продолжи и во иднина со вакви настани, како и настанот што беше на Градскиот плоштад со двомечот со грчкиот клуб.

„Двомечевите кои што ги правиме помеѓу екипите продолжуваат, најпрво сега имаме Балканско првенство, таму сме сконцентрирани, а по завршетокот на истото продолжуваме со екипа од Србија и екипа од Турција“, додаде Нисев.

На овој настан беше претставен грчко-римскиот стил кој е сосема различен од слободниот стил.

„Тренинзите овде се убави и многу се добри. Има партнери за да се работи, едноставно многу добри тренинзи прават овде. Можеме да дојде пак, но може и тие да дојдат кај нас во Ќустендил“, рече Велизар Стојанов.

„Ние дојдовме тука со цел да направиме нови пријателства. Многу е убаво да има пријателство меѓу двете држави. Да научиме нешто од нив и тие од нас. Македонија го развива борењето и ние сме тука да помогнеме“, рече Денија Таскова.

Интересот за борењето кај децата е од многу мала возраст, а за тоа пример е малата Јована Нисева.

Во иднина се очекуваат повеќе вакви спортски настани за промоција на борењето.

Александар Ванев, М-Нет