
По четири одиграни кола во Првата фудбалска лига лидер на табелата е Шкендија од Тетово со 10 освоени бодови.
Во однос на статистиките екипата на Шкендија има постигнато најмногу погодоци или вкупно осум, што значи дека некогашниот шампион од Тетово во просек на секој меч постигнувал по два погодоци, а од друга страна екипите на Вардар и Брера Струмица имаат примено најмногу погодоци вкупно девет или во просек 2,25 погодоци по меч.
Најдобри одбрани на старот од новата сезона имаат Гостивар и Работнички, овие две екипи на четири одиграни натпревари имаат примено по еден погодок.
Шкупи може да се пофали со ефикасен напад од седум постигнати погодоци на четири меча, но притоа одбраната на Шкупи прими и седум погодоци, а слична ситуација има и Воска со седум постигнати и осум примени погодоци.
Во однос на табелата Шкендија е прва со десет бодови, шампионот Струга е втор со девет бода, Гостивар и Работнички го делат третото место со по осум бодови.
Силекс е на петтото место со шест бода, а пак Шкупи, Воска Спорт, Тиквеш, Пелистер како и Беса имаат по четири бодови.
На дното или во опасната зона се Вардар со три бодови како и Брера Струмица која е последна исто така со три бодови.
Претстојниот викенд на програмата ќе бидат мечевите од 5. коло.
Александар Ванев, М-Нет