
Над 600 интервенции од почетокот на годината бележи ТППЕ Штип, од кои 400 се на отворен простор. Пожарите кои изминатиот период беснееа речиси низ цела држава придонесоа пожарникарите да бидат со полни раце работа. Од утро до мрак на терен борејќи се со пламените јазици – ваквата слика беше присутна цело лето.
„Оваа година ја започнавме од јануар месец до септември имаме над 600 интервенции. Околу 400 интервенции имаме на отворен простор. Ова лето посотјано бевме на терен.“ – вели Ренџов.
Пожарникарите се доволно обучени за да излезат на терен и да реагираат брзо, но од различни околности зависи како и колку брзо ќесе изгасне еден пожар. Ренџов вели кадар има, но треба да се работи на зголемување на опремата.
„Самите пожарникари се доволно обучени да се справат со сите несакани прилики и последици. За опрема да, како и секоја територијална противпожарна единица и кај нас недостасува опрема. Поголем дел ја имаме, ама се надеваме дека ќе се подобри ова.“ – додава Ренџов.
Дополнително пожарникарите кога немаат интервенции работат на нивно дообучување, присутни се на вежби за пожари,сообраќајни несреќи и слично.
“Кога немаме интервенции имаме едукативна настава, вежби имаме, се трудиме да учиме“ – кажа Ренџов.
Изминатиот период големиот број пожари на територија на државата покажаа колку комплексна е работата на пожарникарите. Некои од нив завршија и со повреди, со цел да се изгаснат пожарите и да се спаси она што може.
Лаура Стојанова, М-Нет