Во недела штипјани ќе гледаат прволигашки фудбал, „вечното дерби“ на Националната арена под рефлектори

ФОТО: Телевизија М Нет

Во недела се играат натпреварите од 2. коло од Првата македонска фудбалска лига, кое ќе биде одбележано со „вечното дерби“ на Вардар и Пелистер кое се игра на Националната арена под рефлектори. По неколку години пауза одново во Прва лига ќе се игра „вечното дерби“, а овој пат на вистинското место, Националната арена „Тодор Проески“ и тоа во вечерен термин од 20 часот.

Можеби конечно и во Македонија ќе стане пракса барем по еден натпревар во секое коло да се следи фудбал под рефлектори, бидејќи на Балканот тоа е секојдневние, но кај нас е фудбалска сензација.

Брегалница испадна од Прва лига, но штипјани ќе може повторно да следат прволигашки фудбал, откако Гостивар го пријави Градскиот стадион во Штип како алтернативен терен, па веќе во недела Гостивар во Штип ќе го пречека Шкупи.

Шкендија во Тетово ќе го пречека Работнички, а овие две екипи во првото коло забележаа победи. Силекс во првото коло беше поразен токму од Работнички, а веќе в недела во Кратово ќе ја пречека Брера која стартуваше убедливо во новата сезона.

Шампионот Струга на домашен терен ќе игра против новајлијата Беса, а пак освојувачот на Купот Тиквеш на домашен терен ќе игра со Воска Спорт.

Сите натпревари ќе стартуваат од 17 часот, а „вечното дерби“ меѓу Вардар и Пелистер во 20 часот.

Александар Ванев, М-Нет