И годинава бесплатни ранци и училишен прибор ќе добијат околу 50 првооделенчиња во Карбинци

Бесплатни ранци и училишен прибор и годинава ќе добијат дечињата кои за прв пат ќе седнат во училишните клупи во ОУ„Страшо Пинџур“ во Карбинци. Градоначалникот на Општина Карбинци Викто Паунов посочи дека традиционално како и секоја година и годинава родителите на дечињата ќе добијат еднократна помош од 3000 денари. За прв пат од септември во училишните клупи ќе седнат околу 50 првачиња, бројка што е речиси идентична како и лани.

„Основното училиште во Карбинци „Страшо Пинџур“ е со една константна бројка на новозапишани првачиња така да идентична е бројката од лани за овие дечиња кои за прв пат ќе тргнат на училиште. Се работи за бројка од 50 дечиња, Општина Карбинци традиционално со училиштето и ова година ќе им додели бесплатни ранци, бесплатен училишен прибор на дечињата и она што го најавив претходно традиционално повеќе години во низа доделуваме еднократна парична помош до родителите во висина од 3000 денари.“ – изјави Паунов

За разлика од Карбинци поголемите општини се соочуваат со проблемот со намалување на бројот на дечиња кои се запишуваат во прво одделение. На пример во Штип лани имало запишани 580 првачињата, а оваа година во училишните клупи вo Штип треба да седнат 559 првачиња. Согласно податоците добиени од страна на СВР Штип, бројката на првачиња е намалена за 20.

Уште позагрижувачки факт е дека оваа бројка не се испполнува, бидејќи родителите заминуваат во странство, децата се запишуваат во други градови.

Токму затоа се формираат и паралелки со помал број ученици, а годинава тоа е пракса не само во основните туку и во средните училишта во Штип.

Лаура Стојанова, М-Нет