Младиот и талентиран Јасин Казимоски нов играч на Воска Спорт

Младиот и талентиран играч Јасин Казимоски кој имаше успешна сезона и беше меѓу клучните играчи во второлигашот Новаци, својата кариера ја продолжува во прволигашот Воска Спорт од Охрид.

За 23-годишникот ова ќе биде прва сезона во прволигашка конкуренција, а се очекува да го докаже својот талент во охридскиот прволигаш, но и да придонесе во остварување на целите на неговата нова екипа.

Во својата кариера покрај за Новаци, Казимоски настапуваше и за второлигашот Караорман каде беше еден од клучни играши во екс второлигашот од Струга, претходно беше дел од екипите на Велешта, Охрид, Велазерими од Кичево, Тетекс, Младост Царев Двор од Ресен и екипата на Ренова.

Во новата сезона екипата на Воска Спорт ќе влезе со речиси комплетно променет ростер и целта ќе биде сигурен и директен опстанок. Во првото коло кое се игра овој викенд, екипата на Воска Спорт ќе стартува на Чаир против Шкупи.

Александар Ванев, М-Нет