Македонските прволигаши и второлигаши ја темпират формата преку пријателски натпревари

ФОТО: Телевизија М Нет

Македонските прволигаши и второлигаши ја одработуваат главната фаза од летните подготовки за новата сезона, а формата ја темпираат и преку одигрување на пријателски натпревари.

Воска Спорт на теренот во Грашница во Охрид со 2:1 славеше против второлигашот Новаци, а веќе во среда охриѓани ќе ја темпираат формата со новиот прволигаш Пелистер од Битола.

Прволигашот Силекс со 2:0 триумфираше на меѓународниот пријателски меч против српскот второлигаш Трајал од Крушевац.

Каменица Саса на пријателски меч одигран во Македонска Каменица со убедливи 3:0 го доби повратникот Борец од Велес.

Екипата на Вардарски од Богданци која по 27 години се врати во Втората лига со 2:1 беше подобар на тестот со Беласица, а пак Вардар од Неготино со минимални 0:1 славеше над прилепска Победа.

Новиот прволигаш Беса ремизираше со косовскиот Гњилане откако одигра 1:1 на тестот во Банско, Бугарија, а пак Брера Струмица загуби на тестот од Беитар Ерусалим со резултат од 3:4.

За оваа среда и сабота се закажани повеќе пријателски натпревари на македонските прволигаши и второлигаши.

Александар Ванев, М-Нет