Општина Пробиштип меѓу трите општини со најдобри антикорупциски перформанси

Општина Пробиштип меѓу трите најдобро рангирани општини во државата во однос на антикорупциските перформанси во спроведување на јавните набавки. Истражувањето го спроведе Центарот за граѓански комуникации. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов вели дека истражувањето и оценката е особено значајно за нив како општина и потврда дека правилно ги инвестираат парите на граѓаните.

„Ова е навистина едно големо признание за мене како градоначалник секако и за моите соработници. Години наназад работиме транспарентно. Во однос на јавните набавки работиме во постапки кои се исклучиво во законски рамки. Ги користиме средставата на граѓаните само за граѓаните.“ – вели Анастасов.

Анастасов вели дека за него е од особена важност ова истражување и се надева оти ќе биде земено како добар репер, за општините кои успешно и правилно управуваат со јавните средства, како што е Општина Пробиштип, а се со цел да продолжат и во иднина, но и за оние инстутуции и општини кои се со помала оценка да ги корегираат своите недостатоци и да го подобрат своето работење. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое е спроведено врз основа на 32 индикатори, и тоа за Владата, министерствата и општините ја вброи Општина Пробиштип, заедно со општините Кавадарци и Велес како општини со најдобри антикорупциски перформанси.

Лаура Стојанова М-Нет