
Од 400 евра со сопствен превоз до 550 евра со организиран превоз е најевтината понуда за одмор за едно четиричлено семејство надвор од државата. Од туристичките агенции велат дека и покрај кризата, сепак граѓани штедат пари за да можат да заминат на одмор, три, пет дена или една недела. Во зависност од условите кои се нудат, дали станува збор за апартманско или хотелско сместување се прават и цените за аранжманите.
„Зависно од тоа дали во топ сезона или пред сезона, доколку е во топ сезона околу 400 евра за со сопствен превоз, околу 550 евра со организиран превоз во апартманско сместување, додека пак хотелското сместување е од 850 евра со ноќевање со појадок.“ – вели Смилеска-Наковска.
Помладите во топ сезона, вработените согласно можностите за одмор, повозрасните на почетокот на јуни или после 20 август – сите имаат свој период кога да заминат на одмор. Оваа сезона се бираат повеќе апартманските сместувања бидејќи се поевтини и подостапни за граѓаните.
„Доколку зборуваме за Грција најбарано е апартманското сместување, оти таму хотелите се поскапи. Доколку зборуваме за чартер летови оваа година најевтина дестинација е Тунис.“ – вели Смилеска-Наковска.
Понуди има за секого, и за оние кои сакаат да прошетаат и да истражуваат, и за оние кои бараат сонце и плажа. Споредбено со лани има покачување на цените за околу 10%, но од туристичките агенции велат дека не е драстично и дека е согласно сите останати покачувања.
„Оние кои сакаат да прошетат и да истражуваат одат во Египет, Бодрум, додека оние кои сакаат плажа, сонце, ситен песок одат во Анталија. Споредбено со лани има покачување само од 10%. “ – додава Смилеска-Наковска.
Ако за одмор се одвоени 1000 евра, подобро е да се летува по 20 август отколку во топ сезона, велат од туристичките агенции. На тој начин се добива повеќе, на пример ако заминете на одмор на 5 август ќе бидете сместени во хотел со 4 ѕвездички, а само 15 дена подоцна за истите пари ќе добиете хотел со 5 ѕвездички.
Лаура Стојанова М-Нет