Голем успех за Мал Ајакс, освоен турнирот „Еден на еден Могила Куп 2024“

Фудбалерите на штипски Мал Ајакс направија голем успех откако на турнирот „Еден на еден Могила Куп 2024“ со една генерација завршија на првото место и истиот го освоија.

По тој повод младите фудбалери од Мал Ајакс заедно со тренерите Павле Герасимов и Влатко Манев беа на прием во кабинетот кај градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, каде ги споделија импресиите од турнирот, а градоначалникот им се заблагодари за тоа што го претставуваат градот во вистинско светло, онака како што заслужува еден европски град на спортот.

Од општината истакнаа дека и во иднина локалната самоуправа на чело со градоначалникот Јораданов ќе продолжи да дава безрезеврна поддршка за овие млади таленти да можат да ги остварат своите соништа.

Мал Ајакс на турнирот „Еден на еден Могила Куп 2024“ настапуваше со четири генерации, односно се натпреваруваше со генерација 2014, 2013, 2012 и генерација 2011.

За време на настапите штипските фудбалери имаа поддршка од трибините, а тоа беше значајно за нив на патот кон уште еден голем успех.

Преку овие спортски настани децата се насочуваат кон социјализација, да го сакаат спортот, да се почитуваат едни со други, да стекнуваат нови пријателство и другарства, преку овие спортски настани се учат важни животни лекции, но и најважно е да се подаде рака за спортски фер-плеј, да се прифати поразот како составен дел од играта, да се почитува и да се честита победата на противникот.

Александар Ванев, М-Нет