Растат цените на производите во маркетите, граѓаните немаат пари, а потребни се 1000 евра за еден месец за четиричлено семејство

Растат цените на лебот, зејтинот, секој втор производ во продавниците е со цена повисока за два до три денари. Анкетираните штипјани на терен велат дека ситуацијата за нив е алармантна, оти примањата им остануваат исти, а трошоците постојано се зголемуваат. Се купува она што е најнеопходно и за што мора да се издвојат средства за да се преживее и да се врзе крај со крај од први до први во месецот.

„Цените на лебот, на зејтинот, се е качено. Ама кога мора нешто да се купе ќе се купе, колку и да е кога ти е потребно мора да се купе.“- велат граѓаните.

Дека е поскапо споредбено и со претходниот месец потврдуваат и пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија. За едно четиричлено семејство да го помине месецот потребни се илјада евра. Само за храна и пијалоци се одвојува една минимална палта 21,952 денари или 36,4 отсто од вкупниот износ на минималната кошничка. Тоа значи дека не само што кошничката не може да се покрие со две минилани плати, туку безмалку се потребни три или една минимална и една просечна нето плата. А, во Македонија над 100 илјади работници месечно добиваат 22 500 денари и тие се принудени да бараат дополнителна работа.

Инаку, во однос на јануари годинава, кога минималната синдикална кошничка изнесуваше 57,163 денари, овој месец таа е зголемена за 3162 денари, односно за 5,5 %.

Лаура Стојанова М-Нет