
Штип се солидаризира за младата Сибел која има потреба од финансиски средства за лекување во Турција. Општината првите пари од солидарниот фонд ќе ги исплати на неа. Солидарниот фонд се полни со средствата од наплатата на дел од паркинг местата во централното градско подрачје. Градоначалникот Јорданов посочи дека овие пари ќе се искористат онаму каде што се најпотребни.
„Дел од средствата кои се прибираат од сите наши сограѓанини, во вакви ситуации да помогнеме на наши сограѓани. Согласно на постоечкиот правилник вкупната поддршка се движи од 500 до 1500 евра зависи за каков вид на болест станува збор.“ – вели Јорданов.
Изложби, тетовирања, активности, настани со цел да се соберат што е можно повеќе финансиски средства и да се помогне на Сибел.
„Ние како студио се приклучуваме кон хуманитарната акција“ – вели Николовски.
И пожарникарите заеднички со дел од вработените во штипската клиничка болница утре на неколку локации во Штип ќе постават кутии и ќе собираат финансиски средства за Омерова.
„Ние како пожарникари и дел од вработените од КБ Штип, планираме утре на пет локации во градот да поставиме кутии. Да покажеме хуман гест, да се социјализираме, да ги собереме парите и да и помогнеме на девојката“ – вели Ѓоргиевски.
Сибел Омерова се бори со рак и моментално со дел од нејзиното семејство е на лекување во Турција.
Лаура Стојанова М-Нет