
Веднаш по завршувањето на сезоната Охрид и тренерот Александар Толески се разделија, со што за следната сезона охридскиот второлигаш ќе добие нов тренер.
„Му се заблагодаруваме на чесниот и достоинствен однос кон боите на клубот. Максимално учествуваше во давањето поддршка на младите играчи од нашиот град, што крајно е наша врвна цел, а ние како управа ги донесовме во клубот, можеби резултатите не беа на наше очекувано ниво. Ние како клуб сакаме да воведиме нова енергија во тимот, а тоа се прави со промени за воведување позитивна атмосфера. Аце сигурно во иднина ќе има шанса пак да ја води екипата, затоа што како човек и тренер го заслужува тоа! Аце, ти посакуваме многу успех и среќа понатака“, се вели во соопштението на Охрид.
Толески дојде како наследник на Пепи Џигероски кој си замина на почетокот од сезоната која заврши пред две недели. Кој ќе биде нов тренер на Охрид, веќе во игра се неколку имиња, се спомнува враќање на Џигероски, а во игра е и младиот штипски стратег Иван Варадиновски, кој имаше повеќе од успешна сезона во редовите на Детонит Плачковица.
Александар Ванев, М-Нет