
Сам, во куќа пред распаѓање, без дрва за огрев и едвај со еден оброк на ден – вака живее 45 годишниот Сане Трајчов од село Бели, кочанско. При секој дожд вода му влегува во куќата, нема дрва да се стопли во текот на зимата, а едвај се снаоѓа и за јадење. Честопати купува стар леб оти толку му дозволуваат условите и го јаде со вода колку да не умре од глад.
Без купатило, телевизор, единствено со црковни книги живее во 21 век молејќи се од хуманите граѓани за помош за да може да преживее.
„Останав сам, куќата ми е во распаѓање. Состојбата ми е многу лоша. Ако може некој да ми помогне со материјал, хумано да ми се помогне. Најважно е куќичката да се спрема, да се поправе“ – вели Трајчов.
Боледува од епилепсија и психичко пореметување, а од мал останал сирак. Живее тешко, сиромашно без доволно средства за храна и лекови. Пред неколу години во градот бил претепан и ограбен, а морал да плати и судски трошоци за кои подигнал кредит кој сеуште го плаќа. Зема 5000 денари социјална помош, но половината ја дава за кредит. Неспособен е да работи, но понекогаш оди во црквата кадешто помага и вели среќен е бидејќи Бог му помага.
„Јас земам пари од социјално, ама имам многу извршители.“ – додава Трајчов.
Најважно му е да има кров над глава и барем еден топол оброк во текот на денот. Од хуманите граѓани оние кои се во можност бара помош за реконструкција на старата и дотраена куќичка во кој едвај преживува во село Бели, а која е пред распаѓање. Има потреба од храна, облека и средства за хигиена. Трајчов има отворено и жиро сметка на која може да се донираат финансиски средства.
Лаура Стојанова, М-Нет