Анчева даде 11 гола – но Астибо пак загуби, Ѓорче Петров со 64 гола го „распадна“ Шампион

Овој викенд се одиграа натпреварите од 24. коло од женската ракометна Суперлига. Пелистер на домашен терен немаше сили за Металург Автокоманда кој со 25:33 забележа голема победа во Битола.

Куманово со тесни 25:23 на домашен терен тримфираше над Стружанка, која одлично парираше во обид да го изненади домашниот тим кој беше фаворит за трите бодови.

Нов висок пораз за штипски Астибо кој ја продолжува длабоката резултатска криза, овој пат пораз на домашен терен од Деспина со десет разлика за конечните 21:31. Штипјанката Марија Анчева одново доминираше и беше најдобра со 11 погодоци, а за гостинот исто толку гола постигна Ангела Камческа.

Шампион на домашен терен се распадна, откако лидерот Ѓорче Петров без милост го торпедираше со високи 12:64. Домашниот тим во првиот дел постигна само четири погодоци. Емилијана Ризоска со 13 погодоци беше најдобра кај „лавиците“, а девет гола имаше Ева Божиновска.

Овче Поле и Скопје ремизираа во Свети Николе играјќи 26:26, а пак Вардар со 45:36 го доби мечот против Спартак каде за „вардарки“ најдобра беше Ивона Трпевска со девет гола, а пак Симона Василева имаше осум погодоци. За гостинскиот тим Михаела Ангелова постигна девет гола.

„Фенерџијата“ Гевгелија дома се распадна откако загуби од Чаир со 16:58 во меч каде Љеонора Рахмани даде 12 гола за гостинот, а за домаќинот Благица Ступар даде 10 гола.

Ѓорче Петров е прв со 70 бодови, Чаир е втор со 61 бод, колку што има и Метарлуг Автокоманда кој е трет, Вардар е четврти со 58 бодови, а пак штипски Астибо е на 12. место со 12 бодови.

Александар Ванев, М-Нет