
Денеска православните христијани го празнуваат најтажниот ден, Велики петок – денот кога е распнат Исус Христос. . Му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ.
Од утринава во црквите храмовите и манстирите се служеа царските часови, посветени на погребението христово и неговото страдање, а се положи и плаштаницата на ковуклијата. Денеска според кажувања на предците и небото и земјата плачат и тагуваат заради неправедното убивање и распнување на нашиот спасител. Граѓаните ги посетија градската црква Свети Никола, како и црквите во Ново Село и населба Сењак. Најважно е да има здравје, мир и бериќет велат верниците, додавајќи дека овој празник се слави на достоинствен начин.
„Само мир, здравје да дава Господ, се најубаво, радости во секој дом. Ова е нашиот најголем празник, најрадосен“ – велат верниците.
Велипеток се празнува со свети литургии и принесување на безскрван жртва со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот Божји. Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот.
Православниот канон за Велипеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење, во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Лаура Стојанова М-Нет