
Поради ситуацијата со КОВИД 19, второто полугодие од учебната 2019/2020 година за учениците заврши во домашни услови, односно со учење на далечина. За тоа да не продолжи и во наредната учебна година од МОН се прават напори да се изнајдат најдобрите начини за нормално следење на наставата, со тоа што во тек е истражување по пат на анкети за директори на училиштата, но и родителите.
Во тој контекст, и заменик министерката на МОН, Елизабета Наумовска деновиве остварува средби со директори на училиштата во државата, со цел да се дознае фактичката состојба.

Денес Наумовска беше во Штип, а од директорот на штипското ООУ „Гоце Делчев“, Трајче Димов, Мнет.мк дознава дека е разговарано за повеќе алтернативи, од кои најголем акцент е ставен пред се`да се реши овој проблем во однос на првоодделенците.

-Физичката настава, со ниеден друг начин на настава, посебно за овие дечиња, не може да биде и не може да се реализира во целост она што им е потребно како едукативно-воспитна, социјална компонента. Од тие причини се надевам дека ќе се изнајдат услови првачињата со физичко присуство да тргнат на училиште. Како ќе биде се` уште неможам да кажам, одлуката ја донесува МОН, меѓутоа се надевам дека ова зло што ни се случи ќе не одмине во голем дел, така да 1.септември да го започнеме онака како што навистина треба – истакна Димов.
Новата учебна година да започне како што навистина треба, очекуваат и родителите, кои се револтирани од досегашниот однос на МОН кон учениците. Дијана Насева, родител на две деца, ученици во основно училиште, е една од нив, која активно е вклучена од првиот ден како започна он лине наставата, со тоа што секојдневно била во расчекор помеѓу образованието на нејзините деца од дома, но и извршување на нејзините работни обврски од дома.

-Ние како родители, коишто директно бевме вклучени во образовниот процес, заедно со нашите наставнички и со училиштата, бевме револтирани од една платформа којашто се појави дека ќе тргне 2022 година, како платформа за далечинско учење и којашто нас воопшто нема да ни олесни сега во септември. Меѓутоа, дали поради реакциите на родителите, па и на наставниците од министерството пуштија еден анкетен прашалник, согласно кој ќе треба да си ги ускладиме потребите, барањата, несогласувањата, недоследностите во учењето од далечина, па дури и ни дадоа можност да дадеме предлози и насоки, како таа програма да се реализира. Јас и го споделив и со други родители, наидов на интерес кај сите, бидејќи имаме една група на родители на ниво на држава, се инволвиравме во процесот. Сметам дека, доколку продолжиме со учење од дома, би требало многу да се подобри пристапот и да има лична интеракција, во живо интеракција со наставниците коишто ќе го реализираат образовниот процес.
Би требало тоа да биде да речеме од 9 до 12 часот предавање он лине пред компјутер. Се надевам дека тие што немаат компјутер, ќе се обезбеди компјутер, бидејќи со смарт телефоните не може да се работи таква настава. Доколку немаат приклучок до интернет се надевам дека ќе имаат сите за да може да се обучуваат така како што треба. И, тестовите коишто ги прават, значи проверката на знаењата да биде со директна прегледност од наставникот, а не да ги работат родителите и на крајот да имаме нереално оценување – изјави Насева.
Во однос на основните услови за оние ученици кои ги немаат, конкретно интернет конекција или компјутер, директорот Трајче Димов, рече дека ООУ „Гоце Делчев“,има и опција и услови за тоа.
-Од тие причини нашето училиште при самата анкета го направи тоа да дел од тие ученици доаѓаат физички овде, наставниците бидат присутни овде, а преку платформите кои ги имаме како можност за реализација на он лине настава, другите ученици он лајн да ја следат. Значи еден комбиниран начин, меѓутоа се` она што е предвидено со наставниот план и програма, да биде што е можно подостапно до децата и да се поуспешно реализира.

Ние за среќа, нашето училиште овој период сме добро опремени, така да во секоја училница, во секој кабинет имаме компјутер, имаме ЛЦД проектор, смарт табла, така да нема да ни биде проблем да се реализира наставата. Со тоа што пак кажувам, ќе се види начинот, меѓутоа ми се чини дека ќе се избере онаа форма да наставниците бидат во училниците со одреден број на ученици, а останатиот дел ќе ја следат он лине наставата – истакна Димов.
Сепак, иако останува надежта дека до септември кризата со коронавирусот ќе заврши, безбедноста и здравјето на децата доколку е возможна физичка настава, треба да се приоритет за сите инволвирани во образовниот процес.
Остануваат неполни два месеци до тогаш, време кое би било доволно да се најде најдоброто решение.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ