
Сезоната во Третата македонска фудбалска лига пополека влегува во финишот, некои екипи веќе се сигурни патници во баражот за Втора лига, но во некои третолигашки регион можеби и последното коло ќе го даде шампионот кој ќе патува во баражот за можен влез во Втора лига.
Во Трета лига – Исток лидер е екипата на Вардарски со 30 бодови на своето конто, седум повеќе од Слога Виница која е втора, но ланскиот второлигаш има меч помалку. Тука повеќе од јасно е дека овие две екипи ќе се борат за првото место, а Вардарски зависи сам од себе до крајот за посакуваниот бараж.
Во Трета лига – Запад лидер е Влазерими со 41 бод на своето конто со седум бодови повеќе од Џепчишти кој е втор, па така сигурен патник за баражот е Влазерими.
Во Трета лига – Југ ќе биде доста неизвесно тука дури четири екипи ќе ја водат таа борба за освојување на првото место кое води во второлигашкиот бараж. Лидер е некогашниот прволигаш Борец од Велес со 33 бодови, екс второлигашот Росоман е втор со 30 бодови, колку што има и Големо Коњари кој е трет и Превалец кој е четврти, а веќе во следното коло Борец ќе игра дерби со Превалец.
Во Трета лига – Север дефинитивно ќе биде најнеизвесно. Тука лидер е Куманово со 49 бодови, а пак Шкендија од Арачиново е втора со 48 бодови, само еден бод е разликата, па до крајот двете екипи немаат право на грешка.
И во Трета лига – Југозапад е веќе јасен шампионот односно екипата која ќе патува во баражот за Втора лига. Кораб кој пред неколку сезони настапуваше во Втора лига – Запад е лидер на табелата со 30 бодови или девет бодови повеќе од Кравари кој е втор. Лидерот од Дебар е сигурен патник во баражот за Втора лига.
Петте третолигашки шампиони и второлигашката екипа која ќе заврши на 14. место ќе ги одиграат бараж натпреварите. Од овие шест екипи, три екипи ќе станат нови второлигаши.
Александар Ванев, М-Нет