
Денес се одиграа натпреварите од 12. коло од Третата македонска фудбалска лига – Југозапад, а најубедлива „лото“ победа од 7:0 запиша Кравари во дуелот со Сатеска од Волино.
Двојни стрелци беа Емини и Марцевски, а по еден гол постигнаа Мерсими, Кебаковски и Халимовски.
Влазними и Светлост одиграа нерешено без голови (0:0), а пак лидерот Кораб со 5:0 на Градскиот стадион во Дебар ја декласираше Преспа. Леши Берзаи, Мерсовски, Трапи и Ѓулиоски беа стрелци за домашниот тим.
Демир Хисар на домашен терен со 3:1 беше убедлив во дербито со Лирија од Грнчари. Стевче Ангелевски со два брзи гола обезбеди 2:0 на полувреме. Во вториот дел Трајче Андрески постигна гол за 3:0, а во финишот Неџми Реџепи погоди за конечни 3:1.
Кораб е лидер со 27 бодови, Демир Хисар сега е втор со 19 бодови, Кравари е трет со 18 бодови. На 4. место е Лирија со 17 бодови, Преспа е петта со 16 бодови, откажаниот Јанг Тим е на шесто место со девет бодови колку што имаа Влазними и Светлост кој е претпоследен. На дното е Сатеска со шест бодови.
Александар Ванев, М-Нет