Бисинов перфектен за историски влез во Суперлигата, Младост и Металург во тесна трка за врвот!

По четири одиграни кола во плеј-офот од Првата ракометна лига, екипата на Бисинов е на врвот од табелата со максимални 15 бодови на своето конто. Велешкиот прволигаш е перфектен во текот на целата сезона и сигурно оди кон историско учество во ракометната Суперлига на Македонија.

На второто место е екипата на Младост од Богданци со 12 бодови на своето конто три помалку од велешкиот лидер, а на третото место е Металург со 10 бодови на своето конто.

Првото место директно води кон влез во Суперлигата, а пак вториот игра бараж меч за влез во Суперлигата со екипата која ќе заврши на третото место во суперлигашкиот плеј-аут.

На четвртото место на табелата е екипата на Драчево со осум освоени бодови, а пак ланскиот суперлигаш Радовиш е на 5. место со пет бодови на своето конто но и меч помалку.

Четвртото коло ќе се комплетира вечерва со мечот меѓу Радовиш и Македонија ЃП, кој се игра во Спортската сала „25-мај“.

На шестата позиција е Јехона со четири бодови, на седмото место е Македонија ЃП со три бодови, но и меч помалку, а на дното без бодови е Шампион.

Прв фаворит за влез во Суперлигата е Бисинов од Велес, а битката за второто место многу веројатно ќе ја водат екипите на Младост и Металург.

Александар Ванев, М-Нет