Прва победа за Бучин, реми во дерби пресметките во Росоман и Крушево

Овој викенд се одиграа натпреварите од 14. коло од Трета лига – Југ, каде се одиграа и два дерби натпревари кои завршија без победници.

Во Крушево се соочија Питу Гули и Големо Коњари во меч каде немаше победник, а немаше ни погодоци (0:0). Реми со по еден гол и на дербито меѓу Росоман и Борец (1:1). Поранешниот прволигаш од Велес во финишот односно во 91. минута се спаси од пораз, откако Јосиф Манасиев погоди за 1:1, откако претходно Бојан Миланов стрелаше за 1:0 и предност на Росоман.

Марена домаш загуби од Превалец со минимални 0:1, откако Иванче Давитков погоди во 35. минута за триумф на гостинскиот тим.

Слога го доби дуелот со Ултрас на меч на кој паднаа пет гола. Кариши, Адемоски и Фазлиоски беа стрелци за домашниот тим во првиот дел од мечот. Во вториот дел гостинот само го ублажи поразот на конечните 3:2 со погодоците на Стојчески и Богојевски.

„Фенерџијата“ Бучин за првпат се израдува оваа сезона откако убедливо со 5:1 го доби тимот на Локомотива Градско за прва сезонска радост. Солески, Мирчевски, Србиноски, Мугорски и Мицески беа стрелци за домашниот тим, а за гостинот погоди Усеинов.

Во однос на табелата Борец е прв со 30 бодови, Големо Коњари е втор со 26 бодови, колку што има и Превалец кој е трет, а овие две екипи имаат меч помалку.

На 4. место е Росоман со 24 бодови, Питу Гули е петти со 18 бодови, колку што има и Младост кој е шести. На 7. место е Слога со 16 бодови, место подолу е Ултрас со 14 бодови, на 9. место е Марена со 11 бода, Локомотива е 10-та со десет бодови, а на дното е Бучин со четири бодови.

Александар Ванев, М-Нет