Директорот Трајков дециден дека катната гаража е дивоградба, документацијата поднесена во СВР Штип

Одобрение за изградба на катната гаража позади Домот за култура Ацо Шопов Штип е спротивно на Закнот за градење, дециден е директорот Горан Трајков. Затоа тој денеска до СВР-Штип ја достави документацијата за изградба на катната гаража и бара ресорниот министер да преземе мерки за расчистување на овој случај, во којшто според него има злоупотреба на службената положба од страна на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и вработени во општината.

Трајков на денешната прес-конференција истакна дека документацијата за овој случај, која ја добил во текот на вчерашниот ден е од укажувачи, вработени во Општина Штип.

„Имено, Градоначалникот заедно со неговите вработени на ден 07.04.2023 година издале Одобрение за поставување на урбана опрема кое било спротивно на член 57 од Законот за градење,а истите било потребно да издадат Одобрение за градење согласно член 59 од Законот за градење. Врз основа на ваква добиена фактичка состојба Градоначалникот заедно со неговите вработени постапиле спротивно од член 61 од Законот за градење со што го прекршиле членот 59 од истиот закон, каде што во член 61 децидно стои дека – Доколку надлежниот орган издаде одобрение за градење спротивно на овој закон, односно не го одбие барањето за одобрение за градење согласно членот 59, одговорното, односно службеното лице во конкретниот случај Градоначалникот на Општина Штип подлежат на кривична одговорност согласно Кривичниот законик“ – вели Трајков.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска пред новинарите истакна дека легитмно право на секој граѓанин, вклучувајќи го и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ е да излегува во јавност и да поднесува било какви пријави.

„Она коешто јас можам да го ветам и да одговорам е дека како и досега, така и во наредниот период секојдневно да реализирам проекти, коишто се барање на граѓаните и потреба на граѓаните. Катната гаража, којашто е веќе финализирана за некој ден ќе биде пуштена во употреба е само една од трите катни гаражи, коишто ќе се изградат во централното градско подрачје. Граѓаните ќе ја користат, тоа е мојот одговор по однос на коментарот или најавата на директорот на оваа институција“ вели Јорданов.

Јорданов посочи дека надлежните институции може да проверат и да утврдат дали има нешто незаконско во изградбата на катната гаража.

Лаура Стојанова М-Нет