Ако не им се продолжат договорите за закуп, земјоделците од Свети Николе излегуваат на блокади

Речиси 90 земејоделци од здружението „Овчеполски фармер“ од Свети Николе бараат продолжување на договорите за закуп на земјоделското земјиште. Сите земјоделци кои имаат договор за закуп на земјоделско земјиште доставиле барања за продолжување на договори, но во декември од страна на ресорното министерство не им се продолжени. Ангел Стојчев претседател на Здружението „Овчеполски фармер“ на денешната прес-конференција посочи дека сите 88 земјоделци, заедно со нивните семејства егизстирааат од производство на земјоделски култури на таа земја. Забележува дека добиле неофицијални информации дека е можно по изборите да им се продолжат договорите.

-На договорите некои имаат по 10 или 20 хектари земја, тоа е навистина голема површина на земјоделска земја, вели Сточјев.

Земјоделецот, Љубе Анастасов вели дека согласно законските роковите доставиле барање за продолжување на договорите за закуп на земјоделско земјиште, но досега какошто вели никој официјално не им одговорил. Доколку не им објаснат што се случува, во тој случај со тракторите и целата машинерија со која располагаат ќе го блокираат Свети Николе.

„Ние поднесовме барање шест месеци претходно, никој не ни одговори. Бараме да дојдат надлежните и да објаснат на луѓето, да кажат дали ќе ги продолжат договорите или не ги продолжуваат. Ние денеска во 19 часот имаме закажано Собрание на земјоделците во Општина Свети Николе и за сите чекори понатаму треба да одлучи собранието, а ние предлагаме вака доколку нема слух, доколку не ни објаснат што се случува, во тој случај тракторите, се што располагаме со машинерија нема да гледаме дали ќе биде автопат, центар, влез или излез на градот ќе блокираме и не ги тргаме тракторите се додека не дојдат да ни објаснат, вели Анастасов.

Вечерва на собранието на Здружението „Овчеполски фармер“ ќе се одлучи до кога ќе им се остави рок на ресорното министерство да им образложи дали нивните договори за закуп на земјоделското земјиште ќе се продолжат или не. Земјоделците денеска имаа и средба со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев кој им даде јавна поддршка, бидејќи какошто вели во овој регион нема семејство кое нема своја земја или под закуп за да произведува храна.

Лаура Стојанова М-Нет