ФК Детонит Плачковица: „Судиски бандитизам“ во Голема Речица на мечот со Арсими

Радовишкиот второлигаш Детонит Плачковица на вчерашниот меч во рамки на 18. коло од Втората лига со 2:1 загуби во Голема Речица од Арсими, а по натпреварот клубот испрати соопштение за јавноста во кое силно удри по судењето на овој меч, арбитражата ја нарече „судиски бандитизам“ и сценарио кое може да биде номинирано за Оскар.

  • ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ ЦЕЛОТО СООПШТЕНИЕ НА ФК ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА:

„Судиски бандитизам надвладеа денес над фудбалското небо во Македонија. Ова што денес се случи во Голема Речица е невиден срам за ФФМ, Судиската комисија и самите судии водени од Дејан Младеновски. Ова ја понижи самата Втора Македонска лига и рејтингот на сите екипи во неа. Претрпената штета е огромна: погрешни жолти картони, монтиран пенал, погрешни офсајди, аути, слободни удари и за крај поништен гол и директен црвен картон. Да не беше касно, денешното судиско сценарио ќе беше номинирано за Оскар. Срамота невидена! Срамота за фудбалот и за иднината на младите фудбалски таленти и генерации кои со мака ги гради оваа земја. Со вакво судење нема фудбал драга ФФМ.“, се вели во соопштението на ФК Детонит Плачковица.

Екипата на Детонит Плачковица е на третото место со 38 бодови шест повеќе од Арсими кој е на 4. место, девет помалку од лидерот Беса, и четири помалку од Пелистер кој е втор. И во самата изјава на капитенот на Детонит Плачковица за телевизија М Нет, реч дека ќе одат до крај со цел да го сочуваат третото место кое води во баражот за Прва лига.

Александар Ванев, М-Нет